Македонија
5. October 2020 - 10:52

Паркингот на Водно во текот на викендов го искористиле 419 возила

Паркингот на Водно во текот на викендов го искористиле 419 возила според бројот на испратени СМС пораки, соопштија од Град Скопје.

Како дел од континуираните заложби да се овозможи безбедно рекреирање на пешаците и на велосипедистите во деновите кога е најпосетено Водно, Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ воведоа зонско паркирање на паркиралиштата на Средно Водно.

Паркирањето се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 9 до 16 часот. Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час – 50 денари.

На паркиралиштата е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и информативни табли. Паркирањето е бесплатно за хендикепираните лица, како и за туристичките автобуси, а паркирањето во зеленило се санкционира.

– Градот Скопје апелира до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта, истакнаа од Град Скопје.