Свет
12. September 2016 - 14:16

Парк Геун-хе: Нуклеарната закана од Северна Кореја е директна

Нуклеарното оружје и ракетите на Северна Кореја претставуваат директна закана, изјави денеска јужнокорејската претседателка Парк Геун-хе.

На средба со лидери на водечките јужнокорејски политички партии таа истакна дека Пјонгјанг „врши нови провокации, а тоа може да доведе до закана од војна на Корејскиот полуостров и можни се различни дејствија и терористички напади“.

Северна Кореја во петокот изврши петто по ред и досега најмоќно нуклеарно тестирање. Претходно денеска јужнокорејската агенција Јонхап објави дека Пјонгјанг подготвила ново нуклеарно тестирање во досега неупотребуван тунел на нуклеарен полигон во планина.

- САД треба да сфатат дека Северна Кореја е нуклеарна и воена држава, а нејзината армија и народ се подготвени да ги расчистат сметките со американките империјалисти, се наведува во денешниот текст на севернокорејскиот весник „Нодон синмун“, изразувајќи увереност дека „непријателската политика на Вашингтон кон Пјонгјанг“ е осудена на неуспех, бидејќи „армијата и народот се сплотени околу својот лидер и се убедени дека ќе извојуваат праведна победа“.