Свет
21. March 2019 - 17:35

Париз бара европско единство за „Новиот пат на свилата“

Во пресрет на Самиот на ЕУ, Франција повика на единство и координација меѓу земјите членки на Унијата за кинескиот проект на „Новиот пат на свилата“, особено по најавата за потпишување на договор меѓу Пекинг и Рим за ова прашање, јави дописникот на МИА.

– Она што е важно за нас е да постои координација меѓу земјите членки на Европската Унија. Видовме дека од Италија има најави за потпишување (на договор), па тоа ќе биде можност да се зборува на Европскиот совет, каде што Европската комисија планира да претстави својот акциски план, соопшти Елисејската палата.

Во соопштението се наведува дека Франција е подготвени да се разгледаат проектите за соработка со Кина, доколку тие „исполнуваат одредени критериуми на еколошка и финансиска одржливост и го почитуваат суверенитетот, потребниот реципроцитет и транспарентноста“.

Проектот „Иницијатива појаси и патишта“, познат како „Нов пат на свилата”, во 2013 година го промовираше кинескиот претседател Си Џинпинг, како план за развој на копнени и поморски врски меѓу Азија, Африка и Европа.

Неколку земји на ЕУ, Хрватска, Чешка, Унгарија, Грција, Малта, Полска и Португалија, веќе потпишаа меморандуми за соработка со Пекинг во рамки на оваа иницијатива, кон кој Париз, Берлин и Лондон одбиваат да се приклучат без гаранции за „реципроцитет”.

Рим, од каде што Си денеска ја започна својата европска турнеја, се надева дека во наредните денови ќе биде финализиран Меморандумот за разбирање и на тој начин Италија ќе стане првата земја од Г7 што ќе потпише договор со Пекинг за вклучување во овој огромен проект.

Прашањето за „Новиот пат на свилата”, треба да бидат тема на разговори меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и Си, кој ќе престојува во официјална посета на Франција од недела до вторник.