Бизнис
27. December 2020 - 16:38

Парите од карго аеродромот во Штип ќе се пренаменат за проекти на повеќе општини

75 општини ќе добијат вкупно 35 милиони евра за 99 инфраструктурни проекти. Парите се прераспределени од јавното-приватно партнерсво со ТАВ преку кое требаше да се изгради карго аеродром во Штип.

Најголем дел од колачот ќе добие Град Скопје, над 6 милиони евра.

- Над 1 милиони евра ќе добијат: Шуто Оризари, Штип, Чаир, Струмица, Тетово, Кичево, Струга за проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живеењето на граѓаните. Градот Скопје ќе има на располагање над 6 милиони евра за два проекти: kлучката „Момин Поток“ и мостот „Карпош“, вели владиниот портпарол, Мухамет Хоџа.

Вредноста на секој од 99-те проекти е определена согласно искажаната проектантска цена.

Доколку останат пари, ќе се искористат за расчистување на најопасната материја во Скопје.

- Евентуалната позитивна разлика помеѓу проектираната и изведбената цена, ќе биде уплатена на посебна сметка на Генералниот секретаријат на Владата и парите ќе бидат наменети за чистење на линданот од кругот на фабриката „ОХИС“, вели портпаролот на Владата, Душко Арсовски.

Владата и ТАВ во 2008-та година потпишаа договор за изградба на карго аеродром во Штип вреден 49 милиони евра.

Изградбата е откажана врз основа на анализа за проценка на економска оправданост направена во февруари годинава.