Живот
17. July 2016 - 14:01

Папируси откриваат како изгледал животот на градителите на египетските пирамиди

Египетскиот музеј во Каиро претстави изложба на најстари папируси во земјата, кои датираат од пред 4.500 години, а на кои е претставен животот на градителите на пирамидите.

Предметите се од времето на фараонот од четвртата династија на Стар Египет, Куфу познат и под грчкото име Кеопс, за кого како гробница е изградена Големата пирамида во Гиза.

Египетскиот министер за антиквитети Халед ел Анани на отворањето на изложбата изјави дека папирусите се откриени 2013 година во пристаништето Вади ел Џарф, 119 километри јужно од Суец.

Ел Анани истакна дека тоа се најстарите папируси во Египет.

Според претставникот на музејот Тарек Тавфик, на папирусите е претставено секојдневието на работниците, кои пренесувале материјали за градба од пристаниште во Црвеното Море во Гиза.