Свет
1. October 2020 - 10:11

Папата одби да го прими Помпео на аудиенција

Папата Франциск одби да го прими на аудиенција државниот секретар на САД, Мајк Помпео, јави Би-Би-Си.

Државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин и државниот секретар за односи со државите монсињор Ричард Галагер изјавија дека папата го одбил барањето на Помпео затоа што избегнувал средби со политичари за време на изборен период.

Овој потег се додава на дипломатски скандал по коментарите на Помпео за Кина и Католичката црква.

Ватикан го обвини Помпео дека се обидел да го искористи ова прашање за привлекување гласачи на претседателските избори во САД во ноември.

Во статија на почетокот на овој месец, Помпео истакна дека Католичката црква го ризикува својот „морален авторитет“ со обновување на договорот со Кина за назначување бискупи.

– Папата веќе јасно стави до знаење дека политички фигури не се прифаќаат во изборните периоди. Тоа е причината за одлуката на папата, изјави кардинал Паролин.

Тие ја опишаа и јавната критика на Помпео кон папата како изненадувачка, а архиепископот Галагер коментираше дека прашањата за разгледување треба да бидат договорени „приватно“.

Кардиналот Паролин исто така рече дека е можно коментарите на Помпео да имаат за цел да ги охрабрат католиците да го поддржат Трамп на гласачките места во ноември.

– Некои го толкуваа на тој начин – дека коментарите беа првенствено за домашна употреба. Немам докази за тоа, но секако е еден начин да се погледне на тоа, додаде тој.

Спореед него, договорот на Ватикан со Кина нема никаква врска со САД.