Свет
26. November 2017 - 9:18

Папата Франциско во мировна мисија во Мјанмар

Папата Франсиско денеска ја почнува шестдневната посета на Мјанмар и Бангладеш, каде од него се очекува да влијае за ставање крај на крвавите судири во мјанмарската област Ракајн. Над 600.000 припадници на народот Рохинџи пребегаа од Мјанмар во соседен Бангладеш барајќи засолниште од мјанмарската армија, која почна воена кампања во летото откако нејзини единици беа нападнати од герилци од редовите на Рохинџите.

Конфликтот има меѓуверски карактер, поради тоа што Рохинџите се главно муслимани, додека мнозинството во Мјанмар и во редовите на армијата се будисти. Бангладеш, како мнозински муслиманска земја, ги прими бегалците Рохинџи, но бара нивно што поскоро враќање во Мјанмар. Двете земји потпишаа договор за враќање на Рохинџите во нивните домови, но бегалците бараат безбедносни гаранции пред да се вратат.

Папата ја почнува својата посета со средба со мјанмарското раководство, вклучително генералот Мин Аунг Хлаинг и премиерката Аунг Сан Су Чи. Папата ќе се сретне и со водечките будистички свештеници во земјата, јави новинската агенција ДПА. Католичката црква во Мјанмар го повика папата да не зборува директно, во јавните настапи, за ова прашање, но се очекува дека тоа ќе биде отворено за време на приватните средби.

За време на посетата на Бангладеш, предвидено е папата Франциско на 1 декември да се сретне и со претставници на Рохинџите.