Балкан
15. March 2019 - 9:50

Папандреу: Северна Македонија може да биде еден од нашите основни сојузници во регионот

Северна Македонија би можела да биде еден од нашите основни сојузници во регионот, да се потпре на Грција, а тоа да придонесе Грција да ја одигра нејзината улога во регионот, вели поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу во интервју за емисијата „Фокус“ на грчката државна телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

-Верувам дека Северна Македонија би била еден од нашите основни сојузници во регионот. Ќе сака да се потпре на Грција, во однос на нејзиниот тек, без разлика дали е европски или економски или одбранбен. А ова ќе придонесе Грција да ја игра нејзината природна улога, да го повлече Западен Балкан кон Европската унија и секако да придонесе во поширока балканска соработка, бидејќи Балканот останува Балкан за многу теми и уште постојат сериозни прашања што не се решени, објаснува поранешниот грчки премиер.

Во однос на Договорот од Преспа, Јоргос Папандреу рече дека грчката влада, од една страна донела храбра одлука, но од друга страна упати и критики бидејќи не се потрудила „да постигне поширок консензус што е многу важен за било кој договор“. Објасни дека во тој случај секоја од партиите ќе се најдеше пред одговорност, особено Нова демократија и додаде дека тоа ќе помогнеше и во преговорите што се водеа, но истакна дека сега, важно е фокусот да биде на позитивните страни од договорот.

-Се надевам дека партиите нема да го искористат, да го злоупотребат, да го инструментализираат македонското прашање, како што беше случај пред договорот, бидејќи во суштина, прво не требаше да го поделат грчкиот народ, бидејќи ова е уште полошо, затоа што имаме многу и големи прашања за соочување и на меѓународно ниво, но и во внатрешноста. Второ, треба да го искористиме договорот, позитивните работи од договорот за да ги намалиме можните негативни страни. Сигурно, да не постои иредентизам, сигурно да создадеме добри односи, но не само на степен на лидери, туку во економијата, во културата, во секојдневните контакти со граѓаните, во дипломатијата на граѓаните, истакна поранешниот грчки премиер во интервјуто за ЕРТ, пренесе МИА.

Папандреу говорејќи за македонското прашање рече дека неговата позиција е позната и дека секогаш се борел да се најде решение. Во интервјуто се потсети дека како министер за надворешни работи самиот правел континуирани обиди.

-Со тогашниот премиер на Скопје, како што тогаш ја нарекувавме Северна Македонија, со Георгиевски, стигнавме до првичен договор за името Горна Македонија, што не можеше тој да го помине кај него. Ако се сеќавате, тогаш имаше војна во поранешната југословенска Република Македонија и ова запре секаква дискусија за промена на името, за сложено име, рече Папандреу.