Свет
27. July 2016 - 17:42

Папа Франциско: Светот е во војна, но не религиска

Папата Франциско денеска изјави дека неодамнешните напади, вклучувајќи го и вчерашното убиство на свештеникот во Франција, покажуваат дека светот е во војна, но не верска.

Тој објасни дека не мисли на војна на религии, туку на војна за доминација на народите и економските интереси, пренесоа американските медиуми.

Папата изјавата ја даде пред новинарите на пат за Краков, каде ќе присуствува на глобалниот собир на католичката младина, што се одржува на секои две до три години.

Краков е првата станица од неговата петдневна посета на Полска, во текот на која ќе разговора со католичката младина, ќе обиколи некои од најзначајните католички цркви и ќе го посети Аушвиц.