Свет
7. February 2021 - 19:43

Папа Франциск: Драматично на балканската рута, да ги заштитиме децата без придружба

Папата Франциск денеска побара од властите во земјите низ кои минуваат мигрантите да посветат посебно внимание на илјадниците малолетни лица без придружба, предупредувајќи на драматичната состојба на таканаречената балканска рута.

Во пресрет на Меѓународниот ден на молитва против трговија со луѓе, кој се одбележува утре, папата посочи дека малолетниците без придружба се особено ранливи и апелираше за нивна заштита, пренесува официјалниот портал Ватикан њуз.

– За жал, меѓу оние кои се принудени да ја напуштат својата татковина од различни причини, секогаш има десетици деца и млади луѓе кои се сами, без семејства и се изложени на бројни опасности. Да осигураме дека на децата и адолесцентите, кои се кревки и беспомошни, не им недостасуваат неопходната грижа и повластени хуманитарни канали, изјави папата по неделната молитва.

Порталот наведува дека повеќе од 9.000 мигранти и бегалци се во Босна и Херцеговина, од каде се обидуваат да влезат во Хрватска, односно во ЕУ, преку балканската рута.

Повеќето од нив доаѓаат од Авганистан, Пакистан, Бангладеш, Сирија, Ирак и Иран, а има и мигранти од Северна Африка за кои балканската рута е побезбедна за движење отколку Медитеранот.