Бизнис
10. December 2019 - 11:12

Панел-дискусија во Охрид за евроинтегративните процеси и развојните перспективи на градот и Југозападниот плански регион

Во организација на Европското движење во Република Северна Македонија (ЕММК) денеска во Охрид се одржува панел дискусија чија цел е приближување на претпристапните преговори за членство во Европската унија кон граѓаните.

Со оглед што Македонија е во финална фаза од подготовките за отпочнување на претпристапните преговори, намерата е преку разговор граѓаните на Општина Охрид и Југозападниот плански регион да се запознаат со резултатите од истражувањата спроведени од ЕММК. Предвидено е дискусијата особено да насочи кон туризмот и културното наследство на регионот, поточно идентификување на развојните фактори и тој значаен сегмент од Поглавјето 26 на претпристапните преговори.

Организаторот најави дека посебна цел на дискусијата ќе биде и афирмацијата на европските инцијативи за потесна соработка на локалните власти, граѓанските здруженија и другите релевантни чинители во развојните процеси.

Панел дискусијата е дел од активностите на проектот „Граѓанските организации во служба на демократијата“, финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за граѓанско општество и медиуми.