Македонија
18. September 2021 - 19:40

Пандемијата не мора да значи и депресија, туку и откривање на скриени таленти

Симона Стојковска гледа само со 20% со нејзиното десно око. Видот на левото око целосно го изгубила во 2016 година. Но тоа не беше пречка за време на ковид пандемијата да почне да слика, нешто што и било во потсвеста уште од раното детство. За време на ковид пандемијата, таа вели како и сите други, имаше можност да се соочи со своите емоции и токму тогаш реши да почне да слика, иако со нарушен вид. Резултат на тоа се 64 слики насликани во рок од една година. Иако ги слика, Симона крајниот производ не може да го види.

-Видот ми е 20% само на едното око, се надминав самата себе. И сама се чувствувам како господово чудо, сликите ги правам одблиску 3 сантиметри до платното. Но кога ќе ги направам, не можам убаво да го видам крајот, затоа сакав да го споделам со другите, изјави Симона Стојковска, автор на изложбата.

Откако почнала да слика, почувствувала како да и се вратил видот.

-Јас се плашев од неуспех, сакав да почнам, некој глас од внатре ми рече да почнам и да не се плашам од неуспех, се соочив со сстравот. За време на короната имаше многу што работеа, сакам да ги поттикнам сите да ги изнесат своите творби пред сите, рече Симона.

Планира после пензионирањето, до кое има уште 11 месеци, целосно да му се посвети на сликањето.