Македонија
27. October 2021 - 21:17

Пандемијата ја зголеми родовата нееднаквост

Пандемијата од Ковид-19 уште повеќе ја нагласи родовата нееднаквост во Македонија. Истражувањето на „Реактор“ покажува дека жените во Македонија извршуваат 72,5% од вкупната неплатена работа за грижа, односно завршување на домашни обврски и грижа за други лица. Кај мажите, пак, ова едвај надминува една четвртина од вкупниот обем на работа. Дури 90 % од жените рекле дека тие поминуваат најмногу време за учење и работа со децата. Кај мажите, пак, само 57% кажале дека тие поминуваат најмногу време со децата.

-За жал ние како општество се уште не ја препознаваме вредноста на домашната неплатена работа, мислејќи дека е бесплатна. Но ги чини жените – ги чини време, вели Васка Лешоска од „Реактор“.

Македонија е далеку зад Европската унија кога станува збор за стапката на вработеност според родот. Во 2019 година, во Македонија вработени биле само 45% од жените, додека таа бројка во ЕУ е нешто над 60 проценти.

Она што загрижува е што 52% од жените влегуваат во економски неактивно население кое не бара работа поради семејни причини или грижа за други лица. Кај мажите, таа бројка е само 4 проценти. За да се вработат на жените им треба повисоко образование.

Од „Реактор“ велат дека за да се намали родовата дискриминација потребна е итна реакција од државата.

-Во новиот Закон за работни односи да има можност за споделено родителско отстуство и за непреносливо татковско отсуство. Со тоа што обврските за родителство и за грижа ќе бидат препознаени како споделено прави и како одговорност и на жените и мажите, сметајќи дека со тоа ќе се намали родово базираната дискриминација на пазарот на трудот, вели Лешоска.

Освен тоа, потребно е и да се променат нормите преку наставните планови и програми – со цел ублажување на традиционалниот модел на поделба на родовите улоги.