Македонија
22. October 2018 - 22:53

Палмер: Силна поддршка од САД за Преспанскиот договор и уставните измени за ЕУ и НАТО

САД цврсто го подржуваат преспанскиот договор оти тоа е од суштинска важност за евроатланската иднина на Македонија, порача заменик помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Метју Палмер по средбата со премиерот Зоран Заев. Палмер додаде дека  САД се задоволни од гласањето за уставни измени во петокот, а 80-те гласа  за поддршка на Договорот од Преспа во Собранието претставуваат историска пресвртница и го отвораат патот за европска иднина на Македонија и македонскиот народ.

-Задоволни сме од исходот на процесот на гласање во петокот. Тоа е глас за иднината и тесно ќе соработуваме со Владата и со сите пратеници кои гласаа за Спогодбата со цел таа целосно да се спроведе, потоа Грција да си ги исполни своите должности за ратификацијка на договорот, за да може да направите напредок во зачленување во евроатланските институции, заклучи Палмер.

На заедничката пресконференција Премиерот Заев истакна дека средбата со Палмер доаѓа во исклучително важен момент и двајцата се согласиле дека одлуката на 80-те пратеници има историско значење.

-Сега е момент да си покажеме и себеси дека сме одговорно општество кое знае кога да го остави минатото на делби позади нас. Помирувањето и обединувањето тргнаа од Собранието. Да им дадеме шанса да стигнат до сите ткива заразени со делби, за доброто на нашата земја, рече премиерот Зоран Заев.

Инаку претставникот на Стејт депарментот кој е во еднодневна посета на земјава не се сретна со лидерот на Опозицијата Христијан Мицковски, ниту со претседателот Ѓорѓе Иванов. На прашањето дали тоа е некаква порака Палмер одговори.

-При секоја посета има определено време и треба да се направи избор како тоа да се искористи. Јас детално разговарав со Мицкоски тој испрати и писмо кое јас внимателно го прочитав, каде што тој ги изнесува ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, се сретнав и со многу членови на македонскиот Парламент вклучително и со пратеници од опозицијата, така што тоа не е моја порака до нив, рече Палмер.

Во текот на денот заменик помошникот државен секретар на САД се сретна со лидерите на ДУИ, Али Ахмети, Беса Билал Касами и на ДПА Мендух Тачи. На средбата со шефот на дипломатијата Никола Димитров како што соопшти МНР била истакната американската подршка за евроатланските интеграции на Македонија преку имплементација на договорот со Грција.