Македонија
1. August 2018 - 21:23

Палмер: Се надевам дека македонските граѓани ќе ја донесат вистинската одлука на 30 септември

Македонија доби историска шанса и граѓаните треба да ја поддржат на референдум порача заменик помошник државен секретар на САД Метју Палмер.

По средбата со премиерот Заев, американскиот дипломат  истакна дека очекува граѓаните да излезат на 30 ти  септември  бидејќи тоа е важен датум за државата.

Тридневната посета на Македонија,  Палмер ја започна со средбата со претседателот Иванов. Разговарале за актуелните политички случувања на што претседателот изразил надеж дека ќе продолжи поддршката на САД за надворешно политичките цели. Иванов потенцирал дека Македонија уште во 2008та ги исполнила условите за влез во НАТО активно придонесува во мисиите и смета дека државата не заслужува дополнителни услови. Претседателот го повторил својот став дека не го прифаќа договорот со Грција и оти смета дека истиот е штетен и ги крши Уставот и законите на државата.

Палмер испрати порака и до опозицијата да размисли за стратешките придобивки со реализација на договорот од Преспа и да мисли за иднината на младите во државата.  На средбата пак Мицковски потенцирал дека власта постапила неодговорно и антидемократски бидејќи не ги прифатила сугестиите за формулација на референдумското прашање. Според Мицковски прашањето требало да биде  производ на општ консензус, а не едностран акт на парламентарното мнозинство. Со таквото однесување се нарушуваат демократските процеси, а од една одговорна влада се очекува соработка и принципиелен дијалог за вака едно чувствително прашање истакнал Мицковски на средбата со Палмер. Лидерот на опозицијата порачал дека е клучно Македонија да се фокусира на реформските процеси насочени кон создавање на посилна економија и правна држава.

Средби се закажни и со останатите лидери на политичките партии како и со претставници на локалните власти надвор од Скопје.

Палмер е првиот висок дипломат кој доаѓа во земјава откако е распишан референдумот. Премиерот Заев очекува поддршка и посета и на дел од останатите лидери на западно европските земји во пресрет на гласањето на 30 септември.

Палмер утре ќе биде гостин на прославата за Илинден во Крушево каде заедно со претседателот Иванов ќе го посетат Мечкин Камен.