Свет
29. July 2020 - 20:47

Палмер: САД и ЕУ работат на тоа Западен Балкан да стане дел од ЕУ

 САД и ЕУ тесно се координираат и работат за влез на регионот во унијата но и на меѓусебна интеграција на земјите од Западен Балкан преку таканаречаната иницијатива „мини Шенген“. 

Ова денеска на самитот на Западнобалканската шесторка организиран од Атлантскиот совет го истакна Метју Палмер, специјален претставник на Стејт департмент за Западен Балкан. 

–Земјите од регионот ги гледаме како членки на унијата.кои прават реформи неопходни за да ја постигнаат таа цел, истакна Палмер.

Додаде дека САД и ЕУ соработуваат тесно во таа насока наведувајќи неколку примери.  

-Работиме на тоа Северна Македонија и Албанија да ги испорачаат неопходните реформи за да се убеди Европскиот совет да ги отвори преговорите за членство на двете земји во ЕУ, изјави Палмер.  

Го наведе и договорот склучен на 5 јуни во Албанија за изборни реформи во земјата, како плод на партнерството меѓу САД и ЕУ, но и договорот во Мостар, БиХ, за првите општински избори во тој град после многу години.  

ЕУ и САД работа на дијалог меѓу Косово и Србија за нормализација на односите меѓу двете земји со ангажман на Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ во дијалогот Приштина- Белград 

-Земјите имаат Трансатланстка иднина… и Вашингтон се стреми тие да започнат меѓусебна потесна соработка со идеи за да се надминат тековните економски и социјални предизвици, како и предизвиците со Ковид-19, изјави Палмер. 

Го истакна проектот „Зелени коридори“, за слободен проток на стоки меѓу земјите од Западен Балкан кој во иднина би можел да се прошири и за проток на стоките со соседите како Хрватска, Унгарија или Грција.  

На прашање за тоа како САД ги гледаат зачестените руски и кинески инвестиции во регионот, Палмер истакна дека Вашингтон не е против инвестиции „ако тие не се засновани на коруптивни практики и не ги нарушуваат законите“.  

-Но најважно е да се почитуваат законите… и тоа дека постои правна клима, безбедност и функционални институции за потенцијалните инвеститори да се убедат да дојдат во регионот, изјави Палмер.