Македонија
22. October 2018 - 22:19

Палмер: Осумдесетте гласа за поддршка на Договорот од Преспа го отвораат патот за европска иднина на Македонија

 Осумдесетте гласа за поддршка на Договорот од Преспа во Собранието претставуваат историска пресвртница и го отвораат патот за европска иднина на Македонија и македонскиот народ, изјави денеска заменик-помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Метју Палмер на прес-конференцијата со премиерот Зоран Заев.

– Како што се движите на патот кон европската и евроатланската интеграција, кон членството во НАТО, кон отворањето на преговорите за членство во ЕУ и на крајот зачленувањето во ЕУ, Македонија, македонските лидери, македонскиот народ може да сметаат на поддршката на САД.

На средбата со Заев, како што рече Палмер, разговарале за Преспанскиот договор, за неговата имплементација, за процесот на интеграција на земјата во НАТО и ЕУ, како и за можностите за натамошна соработка меѓу Македонија и САД.

На прашањето дали е некаква порака тоа што не остварил средби со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и со претседателот Ѓорѓе Иванов, Палмер рече дека при секоја посета има определено време и треба да се направи избор како тоа да се искористи.

–  Јас детално разговарав со Мицкоски тој испрати и писмо кое јас внимателно го прочитав, каде што тој ги изнесува ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, се сретнав и со многу членови на македонскиот Парламент вклучително и со пратеници од опозицијата, така што тоа не е моја порака до нив, рече Палмер.

Натаму, Палмер во тој контекст додаде дека САД цврсто го поддржуваат Преспанскиот договор и оти тоа е од суштинска важност за евроатлантската иднина на Македонија.

– Сметаме дека јавноста ја поддржува оваа спогодба. Задоволни сме од исходот на процесот на гласање во петокот. Тоа е глас за иднината и тесно ќе соработуваме со Владата и со сите пратеници кои гласаа за Спогодбата со цел таа целосно да се спроведе, потоа Грција да си ги исполни своите должности за ратификацијка на договорот, за да може да направите напредок во зачленување во евроатланските институции, заклучи Палмер.

Заев посочи дека средбата со Палмер доаѓа во исклучително важен момент на Македонија и само неколку дена по големиот исчекор кон иднината направен во Собранието.

Тој рече дека со Палмер се согласиле дека одлуката на 80-те пратеници има историско значење. Одлуката на пратениците и од позицијата и од опозицијата да се отвори постапка за уставните измени со цел да се реализација Договорот од Преспа, рече Заев, уште еднаш ја потврди евроатланската определба на нашата земја.

– Пратениците храбро преземаа одговорност, испишаа историја и ја отргнаа Република Македонија од заканата повторно да се врати од темното минато, го спречија ризикот на нова изолација која овој пат ќе добиеше катастрофални димензии за земјата. Наместо тоа, храбрите и одговорни народни избраници со својот глас ја докажаа подготвеноста да ја остварат својата визија, а тоа е Македонија да стане членка на НАТО и да ги започне преговорите со ЕУ, изјави премиерот.

Посочи дека сите сојузници ја поздравиле покажаната државничка одговорност на пратениците.

– Гласот на пратениците е и глас против нови политички кризи. Светот го виде и го препозна тоа. Сите наши сојузници ја поздравија покажаната државничка одговорност на пратениците. Одлуката на пратениците е поттик да ја отвориме следната страница на убавата историја на нашата земја. Да почнеме да ги испишуваме идните настани со политичко помирување, простување и обединување. Тоа ни е потребно како никогаш досега, порача премиерот Заев.

Премиерот рече дека одлуката на пратениците е и поттик „да ја отвориме следната страница на убавата историја на нашата земја, да почнеме да ги испишуваме идните настани со политичко помирување, простување и обединување и оти тоа ни е потребно како никогаш досега“.

Заев рече дека има голема верба дека граѓаните можат да му покажат на светот оти ова е период кога ќе се обединети околу своите стратешки интереси.

– Сега е момент да си покажеме и себеси дека сме одговорно општество кое знае кога да го остави минатото на делби позади нас. Помирувањето и обединувањето тргнаа од Собранието. Да им дадеме шанса да стигнат до сите ткива заразени со делби, за доброто на нашата земја, рече премиерот по средбата со Метју Палмер.

Ова е втора посета на Палмер на земјава оваа година. Заменик-помошникот државен секретар за европски прашања на САД, последен пат на средби со македонскиот државен врв беше во август годинава