Свет
16. January 2017 - 8:38

Палестинци ги поздравија одлуките на париската конференција

Вториот човек на Организацијата за ослободување на Палестина (ООП) Саеб Еракат ги поздрави заклучоците од конференцијата во Париз за Блискиот исток, која според него ја „подвлекла неопходноста од завршување на израелската окупација“, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на палестинско коминике.

Во документот на Палестинците, Еракат ја повикува Франција под итно да ја признае Палестинската држава со границите од 1967 година и престолнината Источен Ерусалим.

Тој ги повика другите учесници на конференцијата да ја признаат Палестина, на истиот начин како што го признале Израел.

Конференцијата се одржа вчера без претставниците на Израел и Палестинците, а на неа учествуваа претставници на околу 70 земји. Во завршната декларација тие повторно ја изразија својата поддршка за сожителството меѓу двете држави - израелската и палестинската - и предупредија дека нема да признаат еднострани дејствија, кои се закана за изнаоѓањето решение преку преговори.

Еракат забележа дека ова е порака кон Израел дека треба да ги почитува меѓународните закони и да ја заврши окупацијата на Палестина, за да може да се отвори патот за мир и стабилност во регионот.

Според Израел, меѓутоа, вчерашната конференција во Париз двете земји и регионот ги одалечува од мирот.

„Оваа меѓународна конференција и резолуциите на ОН само ги одалечуваат перспективите за мир, бидејќи Палестинците ги поттикнуваат да одбиваат директни преговори со Израел“, посочи израелското Министерство за надворешни работи.

Велика Британија, исто така, изрази резерви кон блискоисточната конференција во Париз и не ја потпиша завршната декларација, соопшти британското Министерство за надворешни работи.

„Имаме посебни резерви кон меѓународна конференција, која имаше за цел да се придвижат мировните преговори меѓу две страни, без самите да присуствуваат. Конференција, која се одржува против волјата на Израелците", се вели во пораката.

Во соопштението се наведува дека од таа причина Лондон учествувал со статус на набљудувач на конференцијата, и не ја потпишал завршната декларација.