Македонија
6. August 2020 - 11:57

Паднати дрвја од невремето во Скопје, засега нема застои во движењето

Екипите на јавните градски претпријатија од вчера и во текот на денешниот ден се на терен и интервенираат по невремето кое го зафати Скопје.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ за МИА информираат дека нивни екипи интервенирале вчера и денеска, а дежурни екипи ќе работат и попладне и во текот на ноќта, ако има потреба. Денеска паднало дрво, врба, врз возило во Автокоманда. Нивните екипи го ослободиле возилото, а гранките се тргнати.

Вчера екипите интервенирале на улица „Вич“ во Карпош 4, спроти градинката „Орце Николов“, каде имало едно паднато дрво. Имало интервенција и во Карпош 2, на улица „Шекспирова“ каде имало паднати гранки кои се отстранети во текот на вчерашниот ден. Во Ѓорче Петров, кај Пазарчето, на улица „Македонска војска“ исто така имало паднато дрво, а во текот на вчерашниот ден екипите интервенирале и на Водно, во близина на амбасадите, каде имало паднати и искршени гранки.

Поради најавите на обилни врнежи проследени со силен ветер и грмотевици во скопскиот регион до крајот на неделава, од „Паркови и зеленило“ ги предупредуваат граѓаните на претпазливост и да внимаваат да не ги паркираат своите возила под високите дрвја, со цел да се избегне настанување на штети и несакани последици.

Од ЈП Водовод и канализација за МИА информираа дека на терен нема поголеми интервенции поради невремето. Екипите се излезени на време и сега засега не е предизвикан застој во движењето.

Од ЈП „Водовод и канализација“ соопштија дека по обилните врнежи од дожд и засилениот ветер нивни екипи во текот на вчерашниот ден почнале со активности за расчистување и непречено функционирање на атмосферската канализациска мрежа. Активностите, како што најавија, ќе продолжат и денеска, со расчистување и проверка на функционалноста на сливниците и шахтите во сите општини на територијата на Град Скопје.

Како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи, најмногу дожд до осум часот изутрина наврнал во Демир Капија каде се измерени 59 литри на метар квадратен како и во Скопје-Петровец – 54 литри и во Охрид 50.

УХМР за денеска најавува претежно облачно време со чести врнежи од дожд. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во текот на денот, како и во текот на ноќта повторно се очекува да наврне поголема количина на воден талог, на места над 35 литри на метар квадратен.

Во Скопје претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а попладне и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Повремено врнежите ќе бидат пообилни. Максималната температура ќе достигне 25 степени.

Во наредните денови ќе продолжи периодот на променливо облачно, нестабилно и посвежо време со повремени врнежи од дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со силен ветер, електрични празнења и изолирана појава на град