Свет
26. July 2019 - 10:14

Пад на азиските берзи, еврото зајакнува

Цените на акциите на азиските берзи денеска паднаа, исто како на Вол Стрит еден ден претходно, затоа што инвеститорите се разочарани од деловните резултати на неколку компании и одлуката на Европската централна банка (ЕЦБ) да ја задржи каматата на досегашно ниво.

МСЦИ индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, околу седум часот беше во минус 0,5 отсто.

Во исто време на Токиската берза Никеи индексот ослабе за 0,6 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Хонг Конг, Шангај, Јужна Кореја и Сингапур паднаа меѓу 0,1 и 0,8 отсто.

Азиските инвеститори ги обесхрабри и вчерашниот пад на СендП (S&P) 500 индексот на Вол Стрит од рекордни нивоа, откако неколку компании, вклучувајќи го и Форд, објавија послаби резултати од очекуваните квартални деловни резултати.

За 1,6 проценти утрово паднаа и цените на акциите на Амазон, откако овој технолошки гигант објави за прво намалување на приходите во текот на изминатите две години.

Од друга страна, Интел, Старбакс и Алфабет беа подобри од очекуваното, така што цените на нивните акции моментално се во плус од 5 до 8 проценти.

Благодарение на тоа, индексот S&P 500 утрово е во плус 0,2 отсто, што значи дека на почетокот на денешното тргување на Волстрит берзанските индекси би можеле да пораснат.

Од 185 компании во состав на индексот S&P 500, кои досега објавиле деловни извештаи, околу 75 отсто ги надминале очекувањата за заработка.

Но, аналитичарите ги намалија нивните проценки и сега проценуваат дека во вториот квартал заработката на компаниите од состав на индексот S&P 500 ќе биде за 0,1 отсто пониска од онаа во истиот период минатата година, додека на почетокот на неделата очекуваа раст на заработката од околу еден отсто.

Инвеститорите, пак, ги разочара одлуката на шефовите на ЕЦБ да ги остават каматните стапки на досегашното ниво, затоа што се надеваа дека ќе се намали цената на парите.