Македонија
7. July 2015 - 15:29

Означен почетокот на реконструкцијата на 15 улици во општина Ѓорче Петров

Премиерот Никола Груевски денеска свечено го означи почетокот на работите за реконструкција на 15 улици во општина Ѓорче Петров.

- Со денешниов настан означуваме почеток на овој голем проект кој ќе ја опфати оваа улица „Браќа Галеви“, но и 14 други најоштетени улици на кои не е интервенирано во изминатите 50 години. Проектот е со вредност од околу 79 милиони денари и се очекува да заврши за околу половина година, рече премиерот Груевски во поздравниот говор.

Тој посочи дека многупати во минатото кога бил во општина Ѓорче Петров граѓаните му пристапувале со замолница и барање за санација на некоја од улиците.

- Како одговор на таквите барања Владата и помогна на општина Ѓорче Петров  да обезбеди средства за реконструкција на 15 локални улици во оваа општина... Овој проект е во целост компатибилен со нашите заложби да се сработи што повеќе во главниот град, да се направат патиштата, водоводните и канализациските системи, да се изградат булеварите и кружните токови..., рече Груевски.

Во оваа општина, посочи, актуелен е и проектот за изградба на новиот објект на полицијата и пожарната за кој се издвоени 44 милиони денари, изградбата на повеќенаменското игралиште во населбата Даме Груев и други, а ваквиот развоен тренд ќе продолжи и во иднина.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров Сокол Митровски прецизира дека покрај улицата „Браќа Галеви“ целосно ќе се реконструираат и улиците: „Австралиска“, „Антон Чехов“, „Антон Кецкаров“, „Јадранска“, „Исаија Маџовски“, „Виа Ингација“, „Ибе Паликуќа“, „Крсто Раковски“, „Александар Демниевски“ и краците „3“, „4“ и „5“ на истата улица. 

- Тоа се повеќе од три километри новоасфалтирани улици, повеќе стотици метри нова канализациска и водоводна мрежа и тротоари. Изведувач на работите е фирмата „Карпош“ од нашата општина. Со овој проект, но и со бројни други проекти кои се во фаза на реализирање со поддршка на Владата, за многу побогати општини станавме репер за ефикасно работење. Само по неколку месеци ќе го видиме Ѓорче Петров во сосема ново руво, рече Митровски и му се заблагодари на премиерот за личниот ангажман за обезбедување средства за реализација на проектот. 

Тој посочи дека во изминативе години во Ѓорче Петров се реконструирани 30 улици во урбаниот и повеќе од 10 во руралниот дел на општината.