Бизнис
20. August 2018 - 16:51

Овоштарите од делчевско повторно на протест - родот во опасност од пропаѓање

Делчевските овоштари на масовен протест со трактори и приклучна земјоделска механизација го блокираа регионалниот пат Делчево-Берово. Револтирани истурија приколка сливи на асфалтот за да демонстрираат што се случува со нивниот род на нивите. Тие уште еднаш побараа од Владата да организира итен откуп затоа што се времето ги притиска, а родот им скапува.

- Секој ден паѓаат сливи. Од 10 до 15 казани ( 700 -1000 кг) собираме заради топлото време.

За разлика од минатите години кога трговците се натпреваруваа меѓусебно кој ќе понуди повисока цена, сега производителите се соочуваат со целосна незаинтересираност од нивна страна и покрај тоа што државата ги стимулира со по 2 денари за откупен килограм.

- Моментално извоз нема, а тоа што го имаме за преработка, нашите капацитети ги уценуваат производителите, да бидеме на чисто. Тие знаат сега да го искористат моментот, пари бараат и од државата, а на производителите производството да им го земаат за џабе.

Барањето на сливарите за формирање на Комисија за проценка на родот, кој би останал на насадите е сосема оправдано, зашто тие средства би се искористиле да се заштитат овоштарниците од болести.

- Тие сега ќе имаат трошоци и да ја турнат и да ја тргнат сливата од полето, затоа што самата слива ќе предизвика проблеми за наредното производство-додаде Манасиевски

Овоштарите деновите се обвинувани дека протестите имаат политичка заднина, што тие остро го негираат.

- Политика нема. Ние сите имаме иста мака.

- Тука има само овоштари кои 3 години по ред трпат само загуби и не знаат веќе како да ја поминат годината.

Поради застојот во сообраќајот од 1 час, полицијата успеа да спречи инцидент помеѓу овоштарите и нестрплив возач, а за утре е најавена нова блокада.