Бизнис
20. February 2019 - 19:36

Овоштарите и надлежните утре на состанок ќе бараат решение за откупот на јаболки

Јаболкопроизводителите утре на состанок во Влада ќе разгледуваат можни решенија за пласманот на 50.000 тони јаболка од ланскиот род. Бараат интервентната мерка од 3 денари за откуп на индустриските јаболка да биде вратена и да трае до јуни. Министерот Николовски вели дека нема да се продолжи бидејќи до крајот на минатата година ги дала посакуваните резултати.

- Околу 50.000 тони јаболка се откупени по основ на оваа мерка, дополнителни 3 денари. Тоа беше еден вистински сенс на Владата, рече Николовски

Овоштарите тврдат, ако не се најде решение, јаболката ќе скапат.  Јаболкарите кои викендов протестираа бараат до крајот на март да им бидат исплатени минатогодишните субвенции. Министерот, пак, рече дека тие се исплаќаат согласно предвидените рокови.

- Доколку за 10 дена не добиеме одговор, ние повторно ќе се организираме и ќе ги направиме овие мирни протести да бидат радикални, изјави на протестот во неделата Менде Ивановски, претседател на иницијативниот одбор на овоштари.

Николовски веќе најави дека се преговара со Египет за намалување или целосно укинување на царините за извоз на јаболка во таа земја. Тоа, според него, на долг рок ќе го реши проблемот со вишокот на производство.