Македонија
20. April 2018 - 10:11

Отворено писмо до Заев од вработен во Идризово: „29 месеци немам земено плата“

Отворено писмо до премиерот Зоран Заев:

Јас Горан Димоски вработен во СЕ Економија во состав на КПД Идризово со ефективен стаж од 34 години или со бенефиции околу 45 години немам примено 29 месеци личен доход и покрај тоа што редовно доаѓам на работа, а со овој проблем се соочувам веќе 7-8 години. Овие години секојдневно талкав по институциите но не се најде решение за мојот проблем, а од 01.09. 2017 година, по промрната на власта, повторно спасот го барам во институциите.

Бев примен на разговор од Вашата советничка за правда неколку пати и благодарам за разбирањето. Исто така бев на разговор кај генералниот секретар на Влада, кај заменик министерот за правда, кај министерката за труд и социјала и многу пати кај директорот на Управата за извршување на санкции. До ден денес никаков конкретен одговор нема. На крај константирав дека јас сум само едно пинг понг топче за игра на маса.

Со внимание ве следам уште пред неколку години, а поинтензивно за време на кампањата на парламентарните избори каде ветувавте ЖИВОТ ЗА СИТЕ И ПРАВНА ДРЖАВА. Ви поверував и одлучив „мојот и гласот на мојата 90-годишна мајка, да го дадам лично на вас. Исто така и за време на локалните избори бев присутен на сите митинзи каде ветувавте живот за сите. Повторно ви поверував и повторно гласот го дадов за вас.

Кога го донесовте законот за стечајците, ги исплативте платите на вработените „Колска“ Велес, „Еврокомпозит“ Прилеп реков „браво“ и си реков „Горане сега ти е редот и на тебе“, но ништо од мојата надеж.

Кога го посетивте затворот Идризово сакав да ви се обратам за помош, ама бев спречен од надлежните во затворот. Г-дине премиер чинам мед и млеко тече од вашата уста кога велите живот за сите граѓани во Македонија, ама никако јас да ја заблажам мојата горчлива душа. Ако не се моите пријатели и мојата фамилија кои во изминатиот период несебично ме помагаа, бог знае што ќе беше со мене. Затоа голема благодарност до сите и се надевам дека еден ден ќе им се раздолжам. Сето ова што го барам ми е со Устав загарантирано како граѓаин на оваа држава!

Исто така сметам дека врз мене изминатиот период од 7-8 години е извршен геноцид, во права смисла на зборот, а за жал тоа и понатаму продолжува. Истава моја судбина ја делат уште петмина мои колеги кои чекаат од бога здравје.

Сакам да ве информирам дека во декември 2014 година Владата донесе одлука дека СЕ Економија во состав на КПД Идризово преминува во Економија КПД Идризово ДООЕЛ Скопје и назначува управител, а исто така на крајот на минатата година Вашата влада и Вие назначивте ВД управител исто така работите тапкаат во место и нема решение на проблемот за нас вработените. Во Решението од Централен регистер стои сопственик е Владта на Р.Македонија. Од изјава на висок функционер во Влада, дека во владата има 650 вработени кои не доаѓале на работа, а примале плата, а јас и моите пет колеги редовно доаѓаме на работа а не примаме плата.

Помина најголемиот христијански празник Божиќ а како верник од христијанска вероисповест се надевав дека ќе ми помогнете овој најголем христијански празник да го поминам со мојата мајка на мрсна трпеза, ама за жал повторно постевме.

Помина и Велигден, а јас повторно постев и не успеав да вапцам јајца бидејќи немав пари. Се надевам дека ќе превземете нешто барем на Духовден достоинствено да го одбележам денот на мртвите т.е. на мојот покоен татко.

Почитуван премиере на сите граѓани на Р.Македонија, Ве молам да одвоите од Вашето драгоцено време и да ме повикате на разговор, а од она што ќе го чуете од мојата уста за поминатата состојба, а исто така и за сегашната хаотична состојба не само за мојот проблем, туку за целокупната состојба, сто пати повеќе ќе се згрозите од она што го видовте со свои очи при посетата на затворот. На овој чекор се одлучив да ве информирам преку медиумите поради неможноста да остварам средба со Вас и покрај тоа што многу пати инсистирав кај вашите служби и поради тоа што на 23.03.2018 година доставив писмо преку Архива лично до Вас со број 08.

Со почит Горан Димоски, вработен КПД Идризово

Извор: Фокус