Македонија
16. December 2017 - 16:10

Отворено писмо до пратениците и до јавноста за Законот за употреба на јазиците: Итно повлекување од следниве причини

Законот за албанскиот јазик е спротивен на Уставот, го надминува рамковниот договор и ќе ја легитмира Македонија како земја со двојазичен и двонационален идентитет. Академик Катица Ќулафкова, професорката по политички систем Гордана Силјановска и професорката од Институтот за македонски јазик, Симона Груевска Маџовска во отворено писмо велат дека станува збор за лош закон кој ќе ја наруши кохезијата меѓу граѓаните во Македонија.

„Со непарламентарна брзина, пратеникот Артан Груби, (зло)употребувајќи го европското знаме и статусот на претседател на Комисијата за европски прашања,  неевропски (неделовнички и во отсуство на опозицијата) го турка законот кон гласање!

Во прашање е лош закон  од аспект на меѓуетничките односи, владеењето на правото, Охридскиот рамковен договор, деловничката процедура, европските јазични политики и номотехниката.“ – стои во писмото на угледните професорки.

Тие предупредуваат дека радикалните промени на статусот на албанскиот јазик може да ја сменат идентитетската карта на Македонија во Обединетите нации и бараат од Претседателот Иванов да стави вето.

„Поранешниот претседател Црвенковски стави вето на Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во РМ и во единиците на локалната самоуправа во 2008. Редно е претседателот Ѓорѓе Иванов, барем еднаш, да посегне по вето, не за да манифестира моќ, туку заради правната држава. Ако пратениците повторно го изгласаат со апсолутно мнозинство, на потег е Уставниот суд на РМ, којшто мора да го (од)брани Уставот!!!“ – велат професорките во своето отворено писмо.