Македонија
5. December 2016 - 15:06

Отворени денови на јавната администрација во Струмица

Отворени денови во Струмица од денеска до петок организираат Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за имотно-правни работи и Управата за водење матични книги.

Целта на Отворените денови е граѓаните да се запознаат со новитетите во работењето на службите кои заедно со Управата за јавни приходи се сместени во реновираната и реконструирана зграда на старата полиција што во април годинава беше пуштена во употреба како Зграда на јавната администрација.

- Зградата на јавната администрација има 1.886 квадратни метри. Од нив 82 се за матичните служби, 89  користи управата за имотно-правни работи, 491 се на катастарот, 757 на УЈП, а 523 се заеднички простории. Изградбата на објектот чинеше милион евра. Условите за работа се многу подобри, но о заштедите за кирии, комунални трошоци се намалени, истакна директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески.

Овој обкјект, додаде, е добар пример како треба да се организираат подрачните одделенија на државните институции во сите градови.

- Досега како Отворени денови поминавме низ 22 општини и примивме 516 странки и 86 компании. Во однос на одделението во Струмица се примени 51.468 предмети и сите се решени во законски предвидениот рок. Во однос на легализацијата, на ниво на Македонија легализирани се 167 илјади објекти, а во Струмица 7.626, вели Трпевски.

Од Управата за имотно-правни работи велат дека заедничките отворени денови со Катастарот се покажеле како добар пример за доближување до граѓаните и решавање на нивните покомплицирани проблеми.

- Се надевам дека ова ќе стане вообичаена практика зошто се покажа дека граѓаните имаа можност да најдат решение за проблемите з акои подолг период се мачеле, предмети кои се од имотно-правната област која е особено сложена. Управата за имотно-правни работи во Струмица има примено 7.300 предмети за приватизација на земјиште, во постапка на решавање остануваат уште 1.300 предмети, рече Зоран Крстаноски, директор на Управа за имотно правни работи.

Според Управата за водење матични книги, шалтерските служби во новата зграда ќе го намалат одењето од едно место на друго за граѓаните да добијат одредена услуга.

- Во текот на една година, подрачното одделение во Струмица прима од илјада до 1.500 предмети од кои 80% се позитивно решени во законски определениот рок. Останатите предмети на странките гледаме да ги решиме максимално позитивно и тоа во рок колку што е можно побрзо и поефикасно за граѓаните, рече Силас Муслиоски, директор на Управата за водење на матичните книги.