Македонија
26. April 2018 - 14:50

Отворена туристичката сезона Скопје 2018

Град Скопје и ЈСП Турс денеска ја отворија новата туристичка сезона Скопје 2018. Промовирана беше новата рута на „Сити тур бас“ (CITY TOUR BUS) со цел да ги презентира сите културни и туристички знаменитости на Скопје.

- За жал во последните осум години туристичката понуда на Град Скопје беше вулгаризирана со нагласена промоција на криминалниот проект „Скопје 2014“ поради што во сенка паднаа вистинските туристички вредности и придобивки кои ги има нашиот град. Го враќаме сјајот на Скопје истовремено збогатувајќи ја туристичката понуда на градот со модерни содржини кои реално ќе привлечат нови туристи, изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Додаде дека крајна цел е туристите да се чувствуваат пријатно и да понесат пријатни искуства.

Придобивките на новата туристичка сезона за оваа година опфаќаат и промоција на парк шумата Водно, Матка, жичницата на Водно, Виз Ер Скопскиот маратон кој ќе се одржи 6-ти мај, трката на Водно „Прв до Врв“ која ќе се одржи на 20-ти мај, Скопското лето и други настани. 

Директорката на ЈСП Турс Соња Митриновска Боева изјави дека новата тура ќе се одвива од плоштадот „Македонија“, порта „Македонија“, Кале, хотел „Континентал“, а посетителите ќе можат да ги погледнат градбите од османлискиот период и архитектурата на Кензо Танге. Турата трае околу два часа, а цената на возењето чини 150 денари.