Македонија
31. October 2017 - 13:53

Отворена претходна постапка за стечај на Фени индустри

Основниот суд Велес денеска отвори претходна постапка за испитување на условите за отворање на стечајна постапка за Фени индустри од Кавадарци. За времен стечаен управник е назначен Мирослав Атанасиевски од Гостивар, а првото рочиште е закажано за 13 ноември во Основен суд Велес.

- Постапувајќи по предлог на овластен предлагач-доверител, со решение на Основен суд Велес на ден 31.10.2017 година поведена е претходна постапка над должникот Друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услоги Фени индустри АД Кавадарци и закажано е рочиште за испитување на условите за отворање на стечајна постапка за ден 13.11.2017 година во 12:00 часот. Во текот на претходната постапка од страна на судот се определени мерки на обезбедување согласно одредбите од Законот за стечај и тоа, именуван е привремен стечаен управник, одредена е општа забрана за располагање со имотот на должникот, забрането е одредување или спроведување на присилно извршување или обезбедување против должникот и забранети се исплати од сметката на должникот, се вели во одлуката на Велешкиот суд.

Барањето за отворање стечајна постапка за Фени вчера го поднесоа Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и Силк роуд банка АД Скопје како најголеми доверители на „Фени индустри“ Кавадарци.

Целта на поднесувањето на стечајната постапка, информираат од банките, е во најкраток можен рок со продолжување на активностите на Фени индустри да се изврши реорганизација. Тие предлагаат да се изнајде сериозен инвеститор кој ќе може да ги преземе и сервисира обврските на Фени индустри кон вработените, банките и другите доверители и со дополнително инвестирање да овозможи натамошно работење на комбинатот.

Сегашниот сопственик на Фени индустри Кунико, има неисполнети обврска од 40 милиони евра кон трите банки, како и дополнителни 20 милиони евра кон останати доверители.