Бизнис
22. September 2016 - 13:31

Отворена манифестацијата „Денови на македонскиот мед“

Над 30 одгледувачи на пчели од сите краеви на Македонија од денеска изложуваат мед и разновидни пчелни производи  на штандови на ул. „Македонија“ во Општина Центар, како дел од понудата на 12. регионална манифестација „Денови на македонскиот мед“.

Посетителите на саемот до недела може да дегустираат и да купат мед, од кој тегла чини 350 денари, заштитена цена на пчеларите на домашниот мед, како и восок, полен, прополис, матичен млеч, лековити креми, лосиони, чаеви...  Може да се добијат и совети за бенефитот од користење на медот. 

Пораки за важноста на медот во исхраната на отворањето на манифестацијата упатија со своја програма  дечиња од градинките во Општина Центар,  домаќин на манифестацијата.

- Ова е традиционална  и сериозна манифестација која секогаш ќе ја помагаме затоа што сите треба многу повеќе да користиме мед за да бидеме поздрави, рече градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски, кој ја отвори манифестацијата.

Дел од програмата е и изборот на највкусен мед, кој ќе биде избран на дегустацијата за дипломатите во државава.

Според Пчеларската федерација, во Македонија на годишно ниво се троши само 700 грама мед по глава на жител и за разлика од другите држави каде претставува храна, кај нас се користи претежно како лек. Важно е, посочуваат пчеларите, да се разликува домашниот и квалитетен мед од увозниот и вештачкиот.

Цената од 350 денари, според федерацијата, е поради слабите  приноси годинава, со само 1,8 килограми по презимено семејство и 7,3 килограми од селидбено пчеларење. Потребна е помош од државата, со зголемување на субвенциите, кои изнесуваат 600 денари за презимено пчелно семејство за пчелари, со минимум 35 пчелни семејства. Во делот на органското производство мерката за помош од државата е повисока за 30 проценти.

Алириза Елези, државен советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, истакна дека ресорното Министерство поддржува и набавка на пчелни матици од регистрирано одгледувалиште, како и подигнување нови насади со медоносна флора. Преку редовни инспекциски контроли, нагласи Елези, се прават огромни напори за заштита на вистинските производители на мед од увозен и од фалсификуван мед.

Поддршката и поттикнувањето на пчеларството, според Елези, ќе продолжи со работа на професионализација на пчеларите за постигнување полукомерцијално и комерцијално ниво на пчеларње, едукација на почетниците, подобрување на соработка со земјоделците за навремено извстување за планираните третирања на културите со пестициди заради навремено преземање мерки з азаштита на пчелите од труење. Потребно е, укажа Елези, и користење контролиран и селектиран репроматерија (матици и роеви) и организирано системско засадување на медоносни растенија кои цветаат во т.н. безпашни периодни заради постојано обебзедување на пчелите со нектар.

- Во плановите на Министерството е и интензииврање на опрашувачкиот сервис, со воевдување организирано опрашување со пчели на овошки, фуражни ратсенија, маслодајни.., како редовна агритехничка мерка. ланираме и интензиивирање на селидбеното пчеларење за подобро искористување на медоносните растенија, односно зголемување на приносите од мед по пчелно семејство, и изработка на карта на пчелна паша, рече Елези.

Лани во Македонија се произведени вкупно 688 тони мед, или просечно по 9,3 килограми по едно пчелно семејство, а  се регистрирани 73.960 пчелни семејства. Речиси половина од пчеларите, 48 проценти се хобисти со пет до 30 пчелни семејства, 32 проценти со организирано полукомерцијално производство со 30 до 100 пчелни семејства, над 13 проценти се комерцијални производувачи со над 100 пчелни семејства, а 6 проценти се почетници, со 1 до 5 пчелни семејства.