Македонија
28. December 2016 - 20:35

Отворена изложбата со археолошки пронајдоци во Македонија

Двата штита на македонскиот крал Деметриј од третиот век п.н.е., преку 500 вредни монети на македонските кралеви меѓу кои и оние со ликот на Александар Македонски, рановизантиски алатки, средновековен накит, репрезентативни садови од керамика и златниот вековен прстен декориран со претстава на владетелски модел, се само дел од 10. јубилејна археолошка изложба „Декада на активирање на археолошките ресурси на Република Македонија“ што беше отворена вечерва во Археолошкиот музеј на Македонија. 

Станува збор за поставка на која се презентирани најзначајните пронајдоци од локалитетите: Скупи, Таор, Старо Бонче, Археолошки катастар, Локвени, Маркова Кула, Корешница, Исар Марвинци, Кокино, Градиште, Младо Нагоричане, Билазора, село Кнежје, Стоби, Велешко Кале, Вардарски Рид, Баргала, Исарот Штип, Цареви Кули, Хераклеја Линкестис, Стибера, Зрзе, Трескавец, Висока, Пелагонија, Плаошник,  Самоилова Тврдина и Тетовско Кале.

- Изложбата е резултат на нашите силни заложби да го истражиме, заштитиме и достојно да го презентираме македонското непроценливо културно наследство. Десет години посветена работа на преку 40 археолошки локалитети, на повеќе од 20.000 стручни лица, професори и археолози, 10 години посветена работа со единствена цел, да го документираме развојот на повеќе милениумската цивилизација на овие простори, да оставиме вредно сведоштво за идните генерации, рече министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска на отворањето.

Според неа, создаден е сериозен фонд на артефакти кој го поткрепуваат и потврдуваат идентитетот на македонската историја.

- Отварајќи ја оваа изложба, со гордост можеме да кажеме дека направивме многу. Создадовме сериозен фонд на артефакти кој го поткрепуваат и потврдуваат идентитетот на македонската историја. Тие се несоборлив доказ на нашето траење во историјата и нашата подготвеност и желба со својата посебност да придонесеме во збогатувањето на ризницата  на светското културно наследство, истакна Канческа-Милевска.

Во овие десет години, додаде, се откриени околу 800 илјади артефакти, а на изложбата се претставени 1.300 наоди од четириесетте локалитети на кои се истражуваше во изминатите години.

Канческа - Милевска изрази благодарност до сите институции што беа вклучени во археолошките истражувања и во реализацијата на изложбата: Управата за заштита на културното наследство, Филозофскиот факултет, заводите и музеите од Републиката, Археолошкиот музеј на Македонија, стручните екипи, археолозите и сите оние кои, како што потенцира, го вложија својот научен и креативен потенцијал.

На изложбата се обратија и директорката на Археолошкиот музеј Весела Честоева, како и директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ. 

Присутни беа  и поглаварот на МПЦ г. г. Стефан, професори, археолози и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Изложбата ја организира  Управата за заштита на културното наследство, која во изминатите десет години ги координира капиталните проекти во археологијата на Македонија, со поддршка на Владата. За една деценија се реализирани 40 проекти во сите делови на Македонија. 

Во рамки на теренските археолошки истражувања, третирани биле околу 1.000 археолошки локалитети при што се откриени повеќе од 500 илјади археолошки артефакти.