Македонија
22. October 2015 - 15:45

Отворена инсулинска аптека во Поликлиниката во Драчево

Инсулинска аптека е отворена денеска во поликлиниката во Драчево, која ќе опслужува 3.000 пациенти од таа населба и од соседните населени места, кои досега инсулинот го подигнуваа во Поликлиниката „Јане Сандански“. Станува збор за шеста инсулинска аптека при Здравствен дом - Скопје.

- Како што ветивме пред околу една недела дека во рок од 10 дена ќе се отвори инсулинска аптека во Поликлиниката во Драчево, тоа и го реализираме, изјави министерот за здравство Никола Тодоров, кој ја посети инсулинската аптека во Поликлиниката во Драчево.

Сите пациенти од Драчево, село Драчево, Студеничани, Зелениково итн., посочи министерот, мораа да патуваат до Поликлиниката „Јане Сандански“ во Аеродром за да ја подигнат инсулинската терапија, а со отворањето на оваа инсулинска аптека овие 3.000 пациенти ќе можат да си ја подигнат терапијата во оваа Поликлиника.

Посочи дека преку системот „МојТермин“ сите овие пациенти се известени преку смс порака дека од денеска, па натаму може да ја подигнат својата инсулинска терапија во Поликлиниката во Драчево.

- Со оваа шеста инсулинска аптека во Скопје го имаме покриено целиот главен град на државата со инсулински аптеки. Со отворањето на овие инсулински аптеки надвор од централното градско подрачје овозможуваме граѓаните да си ја подигнат инсулинската терапија поблиску до местото на живеење, рече Тодоров.

Додаде дека почнувајќи од оваа година наместо четири ленти државата набавува 30 ленти за мерење шеќер за пациенти со дијабетес тип 2, односно ако порано тие имаа четири ленти месечно на располагање, што значи на неколку дена да можат да вршат мерење на нивото на шеќерот во крвта, сега тоа може да го прават секој ден, што според него, е висок европски стандард и претставува мерка која е во правец на висока грижа за оваа категорија пациенти.

Директорката на Здравствен дом - Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ рече дека еден од интернистите, кој работи во Поликлиниката во Драчево бил на обука на Клиниката за ендокринологија, добил пристап до системот за препишување на инсулинска терапија и на овој начин од ноември ќе биде креиран во „МојТермин“, два пати неделно по два часа ќе има одвоено термини за пациенти со дијабетес и сите оние кои матичниот лекар ќе ги упати кај специјалистот интернист.

Појасни дека на овој начин ја комплетираат целата услуга која е поврзана со пациентите кои имаат дијабетес.

- Навистина правиме чекор напред уште повеќе со оваа Поликлиника. Како што изминатите три години шест специјалности почнаа да работат во Поликлиниката цениме дека сите овие активности придонесуваат за зајакнување на капацитетите, доближување на услугите, растеретување на централните поликлиники и со обезбедување простор, опрема и кадар ја правиме целината и во оваа Поликлиника, додаде Баевска Вучковиќ.