Македонија
30. December 2015 - 15:15

Отворена Археолошката изложба 2015

Во Археолошкиот музеј на Македонија беше отворена годишната археолошка изложба на која на крајот на секоја година пред јавноста се изложуваат најзначајните артефакти кои се пронајдени при истражувањата на локалитетите.

На деветтата по ред археолошка изложба од околу 20.000 наоди откриени годинава, изложени се околу 700 најзначајни. Презентирани се монети, оружја, алатки, керамика, накит... кои сведочат за илјадници години стара цивилизација на територијата на Република Македонија.

Археолошките истражувања, кои се дел од капиталните проекти на Владата на РМ, годинава се одвиваа во 22 општини и на 60 локалитети  низ Македонија.  Во истражувањата беа вклучени  екипи од девет надлежни институции координирани од Управата за заштита на културното наследство (УЗКН).

Со проектот „Археолошки катастар на Република Македонија“ беа изведени интензивни теренски активности на старите градови и тврдини, при што се пронајдени стотици сребрени и бронзени монети од антиката и средниот век, како и други археолошки наоди. Околу педесет проценти од истражуваните локалитети се првпат откриени во оваа година.

Изложбата ја отвори премиерот Никола Груевски кој истакна дека  особено значаен интерес оваа година побудуваат истражувањата на досега најголемиот антички објект откриен во Македонија – театарот во Скупи, чии наоди заземаат значаен дел од годинашната археолошка изложба.

-  На овој локалитет во 2015 се работеше многу и најголемиот антички театар во Македонија е целосно истражен, започната е конзервација на сценската зграда. Притоа, пронајдени се над 8.000 археолошки предмети, од кои околу 3.000 монети на сите позначајни римски цареви, како и на повеќе средновековни владетели кои опстојувале на овие простори. Монетите кои се пронајдени се со хронолошки дијапазон од првиот римски цар Октавијан Август, па се до турскиот освојувач на Скопје, Мехмед Втори Фатих, рече Груевски.

Посочи дека изложбата за посетителите нуди вредна колекција на монети кои потекнуваат од македонските и пајонските кралски ризници и дека  монетите на македонските кралеви кои досега беа познати за археолошките локалитети во јужните делови на РМ, годинава првпат се откриени и во северните делови на државата, односно во скопскиот и кумановскиот регион.

-   На локалитетот Кале над селото Брњарци оваа година се откриени монети на Александар Трети Македонски, Касандар, Деметриј Први Полиоркет и Антигон Гонат. Во истражувањата на другите локалитети низ Македонија пронајдени се и голем број монети од времето на кралевите Аминта Трети, Филип Втори Македонски, Персеј и Филип Петти, рече претседателот на Владата, додавајќи дека пронајдените артефакти имаат непроценлива вредност за афирмацијата и туристичката промоција на нашата држава.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека посветено и интензивно се работи на заштита на културното наследство, движно и недвижно, а дека во археолошките  активности многу археолози првпат добиле можност да истражуваат. 

-   Со   овие  интензивни истражувања   се   овозможи   создавање   на еден исклучително вреден   фонд  од   преку   500.000   експонати, артефакти кои ни ја прикажуваат  археолошката панорама на нашето   минато, на креативниот континуитет, на цивилизациските придобивки и на творечките дострели на предците  од далечните столетија на   нашата културна историја.  Голем   број   од   овие   вредни   предмети беа презентирани и пред домашната, но и пред меѓународната јавност,  рече Канческа-Милевска. Потсети и на промовирањето на првите десет брошури  од едицијата „Најзначајните   вредности   од   областа   на  културното   и   природното   наследство   на   Република Македонија“.

Директорот на УЗКН  Виктор Лилчиќ Адамс рече дека секоја од 80-те македонски општини поседува стотици моќни археолошки локалитети, а меѓу нив, како што рече, најмалку еден е фаворит со врвни културни цивилизациски вредности.

-  Поради тоа, и оваа, деветта година по ред, археолозите од девет институции, музеи и заводи за заштита и институти, влегоа во 22 македонски општини каде третираа 60-ина извонредно репрезентативни цивилизациски точки. Меѓу илјадниците археолошки наоди, оваа година посебно внимание привлекуваат монетите на кралевите на античкото кралство Македонија, рече Лилчиќ.

Директорката на Археолошкиот музеј на Македонија Весела Честоева истакна дека значајно овогодишно археолошко откритие била т.н. Долина на кралевите со повеќе илјадници гробови кои нивната институција ќе продолжи да ги истражува во 2016 година.

- Интересен е фактот дека околу 50 проценти од истражните локалитети беа првпат откриени токму во оваа, 2015 година. По три децении повторно се истражува и археолошкиот локалитет Китино Кале, со што се отвора нова страница во археолошката наука, рече Честоева.

Поставката во витрините на Археолошкиот музеј ги вклучува и веќе добро познатите наоѓалишта – античките цивлизациски градски центри: Билазора кај Свети Николе (каде што се истражува т.н. владетелска палата од 4 и 5 век п.н.е.); извонредно богатиот пајонско-македонски град на Градиште кај селото Младо Нагоричане, Кумановско; античкиот град Стибера во областа Девриоп; Пелагонија, главен град на истоименото античкото кралство, локалитетот Старо Бонче, Прилепско; праисториската опсерваторија Кокино во Кумановско...