Македонија
19. April 2017 - 11:50

Отворена 18. Литературна манифестација „Илинден 2017“

Во присуство на голем број писатели и вљубеници во пишаниот збор и уметноста, во Домот на култура „Илинден“, во Општина Илинден, синоќа беше отворена 18-та Литературна манифестација „Илинден 2017“, што ќе трае до 22 април. Во рамки на манифестацијата се одржува традиционалниот  саем на книгата под мотото „Денови на книгата“.

- За нас е вистинска чест да бидеме домаќини и да се дружиме со врвни писатели и поети не само од Македонија, туку и од балканските држави. Навистина сме горди што Литературната манифестација „Илинден“ стана еден од промоторите на современите културни достигнувања во нашата земја, истакна  на отворањето на манифестацијата градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски.

По отворањето на манифестацијата беше промовирана поетската книга „Устата на јавето“ на македонскиот писател Раде Силјан. Промотивна реч за ова значајно дело и творештвото на авторот одржа претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Веле Смилевски

По повод отворањето на Литературната манифестација „Илинден 2017“ беше отворена изложба на слики на ликовниот уметник Павле Кузмановски. Со пригоден збор за Кузмановски и неговото творештво, изложбата на која се претставени 30-на дела, ја отвори Климе Коробар.
Вечерта беше заокружена со музички колаж на Васил Атанасов.

Според Програмата на Литературната манифестација „Илинден 2017“, за денеска во 12:00 часот е предвидено книжевно пладне со писателот Александар Поповски, добитник на наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија. Во вечерниот термин, со почеток во 19:00 часот, ќе биде промовирана стихозбирката „Песна на ридот“ од Гордана Михаилова Бошнакоска, добитник на наградата „Ацо Шопов“ за 2016 година.