Македонија
17. October 2016 - 15:58

Отворена 16. Недела на италијански јазик во светот

Во организација на Италијанската амбасада во Македонија, денеска во ЕУ Инфо центарот е отворена 16. „Недела на италијанскиот јазик во светот“. Станува збор за најголемата културна манифестација за промоција на италијанскиот јазик и култура, која се одржува традиционално во октомври насекаде во светот каде Италија е претставена преку своите амбасади, конзулати и институти за култура.

„Италијанскиот јазик и креативноста: брендови и традиции, мода и дизајн“ е темата на годинашнава манифестација. 

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека оваа манифестација веќе 16 години јасно ги демонстрира меѓусебната доверба и искреното пријателство кои се негуваат меѓу Македонија и Италија.  Потсети дека во Македонија се реализирани многу изложби, концерти, театарски претстави и други културни настани на кои се претставија голем број италијански уметници, ансамбли и институции.

 

- Културата несомнено беше ефикасен медијатор во нашето меѓусебно запознавање и почитување на разликите меѓу нас кои, пак, од друга страна, придонесуваат за богатството на заедничкиот европски и светски културен мозаик, рече Канческа-Милевска. Потсети на потпишувањето на четвртата Програма за соработка во областа на културата, образованието и науката меѓу Република Македонија и Република Италија за периодот 2016-2019 година. 

Италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео потенцира дека ширењето на италијанскиот јазик е дел од надворешната политика на Италија бидејќи, како што рече, јазикот е патот преку кој минува нашата култура, нашите вредности, нашето гледање на светот. 

Тој потсети дека Италија е позната во светот како колевка на уметноста, во сите нејзини форми, а и по своите природни убавини. Додаде дека се повеќе модата и дизајнот се симбол на италијанскиот дух во светот и означува производи кои, како што рече, заедно го одбележуваат, го претставуваат она што ние сакаме да го кажувaме „Made in Italy“. 

Проф. д-р. Александра Саржоска, шеф на Катедрата за италијански јазик и литература при Филилошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје нагласи дека целта на оваа манифестација е да го слави во светот промовирањето на италијанскиот јазик како важен јазик на класичната и современата култура.

Во рамки на манифестацијата, мултимедијалниот уметник и дизајнер Дијана Томиќ - Радевска имаше презентација за италијанската мода, стил и елеганција во светот. 

Македонската јавност, благодарение на Италијанскиот институт „Данте Алигиери“ од Скопје годинава ќе има прилика да се запознае и со младата писателка Рафаела Ромањоло, финалистка за 2016 година на најголемата италијанска награда „Стрега“ за романот „Погрешна ќерка“. Македонија ќе биде домаќин и на четвртото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони-Македонија“, кој ќе биде проследен со филмски проекции на новиот италијански филм.