Македонија
23. May 2018 - 16:45

Отворен првиот Центар за спортски повреди во Македонија и во регионот

Посебен медицински третман за спортистите кои се здобиле со повреда на колено, рамо или зглобови. Во Градската болница 8-ми септември од денеска функционира Центар за спортски трауматизам, кој според надлежните е единствен во земјата но и регионот. Ако досега пациентите со спортски повреди ги заобиколувале државните здравствени установи поради губење на време за преглед и закажување на снимање, сега ортопедите од Центарот велат дека ќе имаат брза дијагностика.

- Во Одделението за ортопедија и трауматологија има 32 болнички кревети, а во процедура е вселување во простор кој се ослободи со преместувањето на Специјалната болница „Филип Втори.Со тоа ќе добиеме поголем комодитет на сите пациенти, сместувањето ќе биде во апартмански или двокреветни соби. Ќе се овозможи брз оперативен третман и соодветна постоперативна болничка рехабилитација по третманот со соодветен протокол на физикална терапија. Центарот ќе функционира 24 часа, вели Христијан Костов, директор на ГОБ 8-ми септември

Освен преку „Мој термин“ и Ургентниот центар во „8 Септември“, спортистите ќе можат да побараат лекарска интервенција и преку спортските федерации кои веќе биле писмено изестени од раководството на болницата. За почеток ќе третираат само амбулантски случаи а наскоро ортопедите очекуваат една хируршка сала да биде на располагање на Центарот за трауматизам.