Македонија
18. March 2016 - 18:54

Отворен нов Ресурсен центар за деца со пречки во видот во Велес

Нов Ресурсен центар за деца со пречки во видот во просториите на поранешното ООУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ беше отворен денеска во Велес, во рамки на проект на УСАИД и „Лајонс Клуб“ меѓународната фондација за децата со пречки во видот, а во соработка со општина Велес.

Како што информираат од УСАИД овие центри ќе овозможат подобри услови, ресурси и дирекна подршка за децата со пречки во видот со цел да се подобри нивната писменост и образовните можности.

Како што појасни за медиумите Џејмс Стејн директор на Мисијата на УСАИД во Македонија, сите центри се опремени со најсовремена технологија потребна за образовниот процес за децата со пречки во видот.

Тој појасни дека дел од оваа опрема се смарт табли кои ќе овозможат на овие деца со пречки во видот да пишуваат, читаат, да гледаат видеа и презентации, исто така и браеви принтери кои можат да конвертираат текст  од повеќе од 130 јазици вклучувајќи го и македонскиот, албанскиот и турскиот на браево писмо. Набавени се  и топлотни фјузери на кои ќе можат текстовите и сликите нацртани на специјална хартија да ги претворат во релјефни слики кои учениците со ослобан вид ќе можат да ги прочитаат на допир, како и компјутери со софтвер за конвертирање на браево писмо и останати дидактички материјали.

- Образованието е фундаментално за човековиот развој и е критички поврзано со развојот на економијата, здраствените резултати и владеењето на демократијата. Овозможувањето на еднаков пристап до образованието за лицата со попреченост е една од глобалните цели на УСАИД, потенцира Џејмс.

Инаку во ваквите центри кои се отворени во Велес, Скопје, Тетово, Битола и Штип има и специјални едукатори кои ќе спроведуваат дополнителна настава од десет часа неделно, користејќи индивидуализиран пристап базиран на потребите на децата. Во секој центар во моментот работат со групи од пет до десет деца, информираат од УСАИД.

Тие воедно појаснуваат дека во рамките на проектот досега се отпечатени триесетина учебници на браево писмо, а целта на проектот е сите учебници за основците во Македонија да се конвертираат на браево писмо на македонски, албански и турски јазик.