Македонија
18. August 2015 - 12:40

Отворен нов центар за ран детски развој во Куманово

Од денеска родителите на децата од Куманово ќе имаат можност да ги оставаат по три часа во новоотворениот Центар за ран детски развој во Куманово, лоциран на улицата „Питу Гули“ (поранешна игротека „Дизниленд“).

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска го посети овој Центар за ран детски развој, кој е трет приватен центар за ран детски развој во Македонија од вкупно 15 центри.

Тој истакна дека дејноста за згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст, покрај тоа што се врши во јавните и приватните градинки, се врши и во јавните и приватните центри за ран детски развој како резултат на различните поволности и иницијативи што ги нуди Министерството.

Спасов додаде дека во изминатите години придонеле значително да се зголеми и бројката на приватни детски градинки.

- Во моментов отворени се 21 приватна градинка и набрзо ќе бидат отворени уште две. Има уште неколку заинтересирани приватни бизнисмени за отворање приватни детски градинки, изјави Спасов.

Додаде дека е зголемена и бројката на центри за ран детски развој. Oчекува и во наредниот период уште повеќе да се развива оваа дејност. Објасни дека центрите за ран детски развој имаат функција слична на приватните градинки, односно ги воспитуваат и згрижуваат децата од предучилишна возраст, спроведувајќи ги програмските активности од програмата за рано учење и развој на деца од три до шест години.

- Значајно е да се истакне дека токму за оваа категорија за деца од три до шест години пред да започнат во основното училиште изминативе години значително е зголемен опфатот во градинките и во центрите за ран детски развој, изјави министерот Спасов.

Наведе дека во 2006 година од вкупниот број деца од три до шест години опфатот изнесувал 11.600 или 12,1 отсто, додека опфатот во 2015 година изнесува 38,5 проценти или 27.200 деца од вкупниот број деца од три до шест години.

- Како Влада и понатаму ќе продолжиме со низа поволности да го поддржиме приватниот сектор со цел да се зголеми бројот на центри за ран детски развој и на приватни градинки, изјави министерот Спасов.

Тој додаде дека голем број од приватните субјекти ги користат и мерките за вработување, наведувајќи дека токму во оваа градинка од четири отворени работни места три се отворени преку мерките кои ги нуди Агенцијата за вработување што,  според министерот, дополнително влијае за намалување на невработеноста во општините во Македонија.

Сопственичката на Центарот за ран детски развој Викторија Соларска изјави дека Центарот има капацитет за згрижување на 60 деца. Додаде дека ќе работи од 8 до 20 часот и дека тимот е едуциран според Програмата на МТСП и оти кадарот е лиценциран.

Додаде дека очекува во идниот период да се прошири и дека една од причините поради кои го отворила Центарот е неможноста одреден број деца да се запишат во државните градинки.