Македонија
18. јуни 2017 - 14:19

Отворен јубилејниот 50. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура

Седумдесет и двајца студенти кои го изучуват македонскиот јазик низ лекторатите во 16 држави од целиот свет, заедно со истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странски универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, научни работници учествуваат на јубилејната 50. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура што се одржува во Охрид.

- Прославуваме голем јубилеј, пет децении од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, собир значаен за Универзитетот, но и за Македонија, нејзината државност, самобитност, културата и најважното – македонскиот јазик, истакна на отворањето на Летната школа ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски.

Тој нагласи дека со македонистиката заедно одат и литературниот јазик, културата, историјата, обичаите и се она што ја дефинира Република Македонија.

- Сите овие елементи се само потврда на самобитноста на Македонија, а нивното постоење и негување се значајни за опстанокот на нашата земја, притоа нагласувајќи го јазикот како најзначајно оружје во одбраната на идентитетот, забележа Јанкуловски.

Ала Шишкин, професор по славистика и македонски јазик на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва, го посочи Семинарот во Охрид како значајна можност за славистите од целиот свет на изворно тло да го слушнат и усовршат македонскиот јазик.

- Тоа е централната манифестација во Македонија задолжена да го негува и промовира македонскиот јазик, литературата и културата во светски рамки. Историјата на Македонија добро е опишана во романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски, дека ништо не може да го уништи еден народ кој се грижи за својот јазик, единственото оружје кое не стрела, а директно погодува в срце, рече таа.

 

Иван Доровски од Универзитетот во Брно кој како студент бил учесник на првата Летна школа за македонски јазик, од почетокот на 90-те години на минатиот век редовно испраќал свои студенти по славистика на Семинарот во Охрид.

- Не може да постои народ без јазик...Македонскиот, како литературен јазик кодифициран во 1945 година, е еден од најмладите словенски јазици, но истовремено и еден од најстарите оттаму што првото литературно дело на старите Словени е токму „Евенгелиумот“ што Константин Кирил Македонски го напишал на глаголица, а потоа преведен на кирилица, истакна тој.

На меѓународниот семинар се одржува и 44. Меѓународна научна конференција на која македонските и странските експерти пред учесниците на летната школа ќе ги презентираат своите најнови истражувања од областа на македонистиката.

Доследно почитувајќи ја традицијата, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ преку предвидените активности на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид - градот на древните цивилизации, духовната традиција и на изворот на словенската писменост, постепено прераснува во летен Универзитет по македонистика.