Македонија
20. November 2019 - 18:15

Отворен ден во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија

Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, во рамки на активноста Отворен Кабинет, денеска го посетија ученици од ООУ „Климент Охридски“ од Делчево.

Учениците имале можност да се сретнат и лично да поразговараат со претседателот на државата Стево Пендаровски, и директно од него да се информираат за неговите надлежности, ги посетиле просториите во кои се реализираат официјалните и работните средби, како и салите во кои се организираат свечености, состаноци, настани и прес-конференции.

Од прес-службата на Кабинетот на претседателот информираат дека учениците се сретнале и со дел од вработените во Кабинетот и биле запознаени со историјатот на Вила Водно, со дел од активностите кои се одвиваат, како и со начинот на функционирање на оваа институција.

– Сите заинтересирани граѓани, институции и организации, со претходно пријавување на официјалната интернет страница на Претседателот http://pretsedatel.mk/?page_id=3016 имаат можност да остварат директна комуникација со претседателот Пендаровски, да споделат свои идеи, предлози и сугестии, како и да присуствуваат на настани од јавен карактер, коишто ќе бидат реализирани во Кабинетот, соопштуваат од Кабинетот на претседателот.