Македонија
15. October 2016 - 18:06

Отворен ден на „Пријателите на Шара“

Платформата „Пријателите на Шара“ во рамките на отворениот ден што се одржа денеска во Тетово организираше изложба на фотографии од наградниот конкурс за најубава фотографија од Шар Планина.

Покрај изложбата посетителите имаа можност поблиску да се запознаат со активностите на организациите што се дел од оваа платформа, Институтот за развој на заедницата (ИРЗ) од Тетово, Центарот за едукација и развој (ЦЕР) од Теарце и Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово чијашто главна цел е прогласување на дел од Шар Планина за национален парк за да се заштити биодиверзитетот и другите богатства во овој регион од државата. Главен промотор на овие активности е Македонското еколошко друштво со седиште во Скопје.

- На денешниот отворен ден на „Пријателите на Шара“ сакаме да ги собереме сите нејзини пријатели и наши подржувачи за прогласување на Шар Планина за националне парк, да ги прославиме сите наши успеси досега и да најавиме што ќе бидат нашите следни чекори. Најголема поддршка за прогласување на национален парк ја имаме токму од локалното население бидејќи, според нашите истражувања, над 80 отсто од нив ја подржуваат оваа иницијатива, изјави Ксенија Потилин од Македонско еколошко друштво.

Во рамките на денешните активности се одбележаа два јубилеја при што Институтот за развој на заедницата одбележа 20 години од своето постоење, а Центарот за едукација и развој 10 години.

- Ние сме активни 22 години, но службено сме регистрирани 20. За ова време имавме многу настани, активности но и предизвици во заедницата и делата и особено придобивките од нашата помош или подршка се очигледни во реонот каде работиме. Имаме и нова млада екипа и се надевам дека со ист, па и поголем елан тие ќе продолжат со работата и во иднина, рече Сретен Коцески од ИРЗ.

Метин Муареми од ЦЕР рече дека нивната првична цел по формирањето била да бидат препознатливи во Тетовско, а сега работат низ целата држава.

- Иако кога бевме формирани имавме за цел да бидеме препознатливи во тетовскиот регион, сведоци сме дека денеска преку мрежите каде членуваме работиме низ целата држава. Горди сме бидејќи како организација знаеме што скаме и како да го промениме нашето општество на подобро, рече Муареми.

На настанот беше изложена и органска храна на производители од овој шарпланински регион.