Македонија
21. December 2021 - 16:39

„Отворен Балкан“: Заев ги повика Вучиќ и Рама да го продолжат договореното за подобра иднина на регионот

Граѓаните на Македонија, Албанија и Србија од почетокот на идната година ќе можат да работат и престојуваат во секоја од овие три земји исто онака како што грѓаните на ЕУ можат да работат и престојуваат во земјите коишто се членки на ЕУ. Ваков договор денеска потпишаа македонскиот премиер Зоран Заев, албанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Тие велат дека во ситуација кога Брисел на некој начин заостанува со напредокот на полето на интеграциите на Македонија и на Албанија на земјите не им останува ништо друго освен заеднички да се здружат и да покажат дека и тие се дел од Европа и дека можат да живеат европски. 

Тројцата лидери на Самитот на Отворен Балкан овде во Тирана порачаа дека ова не е замена за членството во ЕУ, туку еден чекор кон членство во Унијата. 

- Кога Европската Унија потфрла ние имаме обврска постојано и постојано да преземаме иницијативи кои го европеизираат регионот и кои носат подобар живот за нашите народи. Брисел може и да одлучи да ги забави проширувањата но европеизацијата и европските стандарди во Србија, во Албанија и Северна Македонија нема зошто да чекаат или да бидат забавувани, изјави Заев.

- Да продолжиме да патуваме натаму, да се движиме напред и она што го градиме во нашиот регион и нашите земји како ЕУ рамка за живот, за комуникација, за придвижување, рече Рама.

- Прашањето на Отворен Балкан е вистинска виизја за она што беше кажано од Зоран и од Еди. Тоа е визија на различен Балкан, визија на наш Балкан од којшто не сакаме да се срамиме туку да бидеме горди со него, кажа Вучиќ. 

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање потенцираше дека ова е негов последен настап како официјален претставник на Република Македонија и тој дури и го промовираше својот наследник како иден премиер Димитар Ковачевски.

- Чувајте го и развивајте го Отворен Балкан. Денеска сите видоа дека и мојот наследник, Димитар Ковачевски, којшто е овде денеска со нас подеднакво исто ќе биде посветен на овој процес, а лично верувам дури и ќе биде прекрасно плус освежување, кажа Заев.

Целта на иницијативата Отворен Балкан е од почетокот на 2023 година да се укинат границите помеѓу засега Македонија, Србија и Албанија и трите земји да функционираат онака како што во моментов функционира ЕУ. Следниот Самит на Отворен Балкан ќе се одржи некаде во февруари а домаќин ќе биде Македонија.