Македонија
28. April 2017 - 14:50

Отворен 5. натпревар NASA Space apps challenge во Македонија

Сто и седумдесет млади програмери, инженери, дизајнери, истражувачи, иноватори и претприемачи од Македонија ќе креираат решенија за проблемите со кои се соочува Земјата и Вселената на 5. светски натпревар NASA Space Apps Challenge, што се одржува од денеска во Скопје. 

Победничкиот тим на натпреварот ќе патува во Kennedy Space Центарот на NASA и ќе има можност да проследи полетување на вселенско летало, како и да го презентира своето решение пред претставници на NASA и комерцијалната вселенска индустрија.

- Постои шанса за глобален успех од Македонија, а тоа е  NASA Space Apps Challenge, порача на отворањето на натпреварот Стефан Савевски од Њу менс бизнис акцелераторот, коишто со Голдилокс Стејт Фондацијата, се организатори на натпреварот.

Како што посочи Савевски, натпреварот е глобален настан што се одржува на над 150 локации со 150.000 учесници кои во истовреме решаваат проблеми кои ги задава НАСА,  од каде им ги  ставаат на располагање своите ресурси за да можат да дојдат до што поконкретни и пореални  решенија кои би се употребите за подобрување на животот во земјата и натпреварот.  Учесниците во тек на  натпераврот ќе можат да комуницираат со тим од експерти. 

Според деканот на ФИНКИ  Иван Чорбев, младите инженери по информатика од Македонија имаат потенцијал за рамноправен натпревар со своите врсници од светот.

- Голем дел од натпреварувачите се од ФИНКИ и победуваат. Натпреварот се усовршува  и се надевам дека студентите ќе продолжат да  се пријавуваат на вакви настани, ќе ги докажуваат своите капацитети и ќе ја промовираат нашата земја и информатика меѓу своите врсници низ светот, изјави Чорбев.

Њу Менс Бизнис акцелератор истовремено го организира овој настан и во Силиконската долина која е прогласена од NASA за една од двете главни сцени на светско ниво поради што учесниците од Македонија ќе можат да соработуваат и со тимовите и експертите од NASA и индустријата и од оваа локација.

Покровител на петтото издание на NASA Space apps challenge  во Скопје е претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, а  партнери Амбасадата на САД во државава и телекомуникацискиот оператор Вип.