Македонија
14. October 2017 - 9:15

Отворен 15. Меѓународен стрип салон „Велес 2017“

Во организација на Стрип центарот на Македонија-Велес синоќа во велешкиот Ликовниот салон беше отворен   15-от Меѓународен стрип салон „Велес 2017“

На свеченото отворање беше претставена изложба на 192 пристигнати стрип  дела од автори од над 40 земји.
 
Ване Трајков претседател на СЦМ-Велес информира дека годинава имало силна конкуренција за наградите и дека првонаградениот  со второ и третонаградените се разликувале за нијанса.
 
- Интернационалниот Стрип салон во сите изминати 15 години во многу придонесе за развој на стрипот во Македонија и презентирање и откривање  на нови стрип автори од цел свет, а посебно на млади автори од Македонија, потенцира Трајков.
 
Поради отсуство, најголем дел од наградените синоќа не ги примија наградите, а организаторите ветија дека ќе им ги испратат.
 
Беше доделена наградата „Златен стрип“ на Фран Струкан и Дарко Мацан од Хрватска, како и втората и третата награда.
 
Еден од ретките што ја прими наградата беше Александар Стеванов кој го доби признанието „Љупчо Филипов“ за 2017 година, кое се доделува за развој и афирмација на стрипот во Македонија.
 
Наградениот Александар Стеванов, потенцира дека наградата многу му значи бидејќи е насловена со името на починатиот доајен на македонскиот стрип Љупчо Филипов, а кој за жал не успеал да го запознае за неговиот живот.
 
- За мене наградата ќе значи пред се’, мотив плус за понатамошна работа, рече Стеванов.
 
Инаку, покрај бројните успеси од минатите години оваа година за Стеванов е значајна по тоа што го објави стрипот/сликовница „Девојче на Месечината“ во издание на „Стрип квадрат“.                 
 
Стрип салонот продолжува денеска со предавање на тема „Стрипот и општеството“ од страна на Зоран Стефановиќ-стрип теоретичар од Белград. Ќе се одржи и  практична стрип работилница  од страна на проф. Владимир Весовиќ од Белград.
 
Од Стрип центарот на Македонија–Велес ги покануваат сите љубителите на стрипот и стрип уметноста  денеска да дојдат во Ликовниот салон во Велес и  да   се вклучат во работата на годинашната стрип работилница.