Македонија
5. July 2017 - 9:06

Отворен 14. Интернационален фолклорен фестивал „Велес“

Со свечено дефиле низ улиците, синоќа во Велес почна програмата на годинашниот, 14-ти Интернационален фолклорен фестивал „Велес 2017“ кој ќе трае до 8 јули.

Свеченото отворање беше на сцената на отворено во Младинскиот парк, а во својство на организатор фестивалот го прогласи за отворен градоначалникот Славчо Чадиев.

- И годинава песната и музиката нека ги спојуваат народите и нека бидат мостови на пријателство и соработка меѓу нив, порача велешкиот градоначалник.

На првата вечер пред преполниот амфитеатар со повеќеилјадна публика настапија културно-уметничките друштва „Керамичар“ од Велес, „Текстилац“ од Црна Гора, „Абрашевиќ од Србија, домашните ансамбли „Александар Турунџев“ и „Македонија“, како и ансамбли од Бугарија, Хрватска и Полска.

Годинава учествуваат играорци од Хрватска, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, Словенија, Полска и Австралија. Најавен е и настап на два ансамбла од една источноевропска земја која ќе биде изненадување на ова издание на фестивалот. Домашните ансамбли се од Велес, Скопје, Битола, Делчево, Радовиш и Богданци.

Втората фестивалска вечер денеска ќе почне во 20.30 часот во амфитетарот на Младинскиот парк, каде што ќе настапат ансамбли од Македонија, Бугарија, Австралија, Хрватска, Србија и Црна Гора.