Свет
29. January 2020 - 12:20

Отсуството на црна кутија ја отежнува истрагата за падот на хеликоптерот на Коби Брајант

Американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (НТСБ) денеска соопшти дека непостоењето на црна кутија во хеликоптерот во кој загинаа кошаркарот Коби Брајант и уште осум лица, може да биде пречка во истрагата.

Иследници на НТСБ соопштија дека хеликоптерот, кој се удрил во еден рид и се распаднал на парчиња, немал ниту систем за предупредување за избегнување терен, за што агенцијата веќе долго време предлага да биде стандард, пренесува „Вашингтон пост“.

Џенифер Хоменди, која ја предводи истрагата, рече дека на истрагата многу ќе и помогнело доколку хеликоптерот имал црна кутија. Пилотот не успеал да го избегне ридот за 20 до 30 метри, соопштија денеска иследниците.

Припадниците на НТСБ денеска продолжуваат да ги испитуваат остатоците од хеликоптерот, обидувајќи се да утврдат што точно се случило и почнаа да разговараат со сведоци.

Медицинскиот вештак на областа Лос Анџелес соопшти дека се пронајдени сите девет тела од местото на несреќата, од кои три биле извлечени во неделата попладне. Четворица од загинатите, меѓу кои и Коби Брајант, се официјално идентификувани со помош на отпечатоци од прсти.

Несреќата се случила во 9.45 часот по локално време во неделата кога хеликоптерот поради густа магла се удрил во еден рид во Калабасас.