Македонија
22. јуни 2017 - 16:12

Отстранети „дивите“ пазарџии пред Зелениот пазар во Куманово

Отстранети се „дивите“ пазарџии лоцирани пред  Зелениот пазар во Куманово во координирана акција на повеќе нституции, а врачени им се и опомени.

Како што соопшти градоначалникот Зоран Дамјановски, акцијата се реализира денеска на барање на менаџерскиот тим на ЈП „Пазаришта“ со цел отстранување на тезгаџиите кои се нелојална конкуренција на закупците што редовно плаќаат давачки.
 
Според Дамјановски, надлежните од претпријатието испратиле допис до Секторот за инспекциски надзор во Општината и побарале акција за отстранување на тезгаџиите.
 
- Ова е регуларна акција, но не е добро што се совпаѓа со престојниот празник Рамазан, така што денеска се доставени само опомени. Акцијата овозможува и сообраќајно растоварување на булеварот, бидејќи тезгаџиите продаваат тука. Не се под контрола ниту на санитарната инспекција, ниту на иснпекцијата за храна, изјави Дамјановски.
 
Отстранувањето на „дивите“ тезгаџии ќе се реализира и наредните денови.