Македонија
29. February 2020 - 10:48

Отстранети 277 непрописно паркирани возила од јавните површини во Скопје

Во текот на изминатата недела со специјалните возила пајак се подигнати 227 возила од јавните површини во Скопје. Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 40 се отстранети од зонските паркиралишта, а преостанатите 187 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин,  тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Од Град Скопје информираат дека контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 387 возила, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 40 возила се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

-Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка, наведуваат во соопштението.