Свет
8. August 2016 - 16:57

Отстранета блоката на „Делта ерлајнс“, некои од нејзините авиони почнаа да летаат

Американската авиокомпанија „Делта ерлајнс“ денеска соопшти дека е отстранета блокадата на нејзините летови до кои дојде утринава по пад на целокупниот компјутерски систем на компанијата ширум светот заради електричен дефект, и дека некои од авионите веќе почнаа да полетуваат, јавуваат британските медиуми.

„Блокадата на летовите на „Делта ерлајнс“ е отстранета и веќе има ограничени полетувања“, се наведува во соопштението.

Американската авиокомпанија напомена дека патниците, сепак, треба да очекуваат одложувања и откажувања на летовите, како и подолги чекања.

„Делта ерлајнс“ претходно денеска соопшти дека електричен дефект во нејзината централа во Атланта го предизвика падот на целокупниот компјутерски систем на оваа компанија и дека нејзина екипа работи на отстранување на дефектот.

Заради падот на компјутерскиот систем на „Делта ерлајнс“ во целиот свет, илјадници патници утринава со часови чекале во редови за да се пријават за летови кои, меѓутоа, морале да бидат одложени, а на екраните и на сајтот на „Делта ерлајнс“ немало нови информации за статусот на летовите.

„Електричниот дефект во Атланта, што изби во 02.38 часот утринава по локално време, ги загрози нашите компјутерски системи и операции ширум светот, што денеска доведе до одложување и откажување на летовите“, се наведува во претходното соопштение на американската авиокомпанија.

„Делта ерлајнс, која има околу 5.000 летови дневно, денеска напомена дека се одложени летовите што биле закажани за утринава, но дека авионите што веќе полетале нормално функционираат.

Оваа авиокомпанија ги повика патниците да го проверат статусот на своите летови додека проблемопт не се реши.