Бизнис
27. November 2017 - 15:28

Откупот на тутунот се одвива без проблеми

Откупот на тутунот од годинешнава реколта во Прилеп се одвива без проблеми, а така е на ниво на цела држава. Ова денеска го соопшти директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јане Станкоски кој на оваа тема разговараше со градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

- Откупот на ниво на целата држава, а секако и во прилепска општина се одвива без проблеми. Од пријавените девет откупни фирми, досега тутунот го преземаат осум претпријатија. До последниот рок за започнување на откупната кампања 15 декември, се очекува и последната откупна фирма да обезбеди средства и да почне со откуп. Преземени се околу 7000 од околу 23.000 тони тутун, колку што се очекува да биде тешка годинешната реколта и постигната е просечна откупна цена од 204 денари за килограм тутун. Исплатата ќе се врши, така како што е дефинирано во потпишаните договори на кооперантите со откупните фирми, соопшти Станкоски.

Прилеп е најголемо тутунопроизводствено подрачје во Македонија. Дел кооперанти живеат само од тутунопроизводство. Оттука особено е значајно откупот на реколтата да се врши согласно законските прописи и регулатива.

Откупната кампања според Законот за тутун, треба да заврши на 15 март.