Бизнис
15. November 2019 - 14:49

Откупот и продажбата на земјоделски производи намалени за 6,6 отсто

Во третото тримесечје од 2019 година, откупот и продажбата на земјоделски производи се намалени за 6,6 отсто во однос на истиот период лани.

Според Државниот завод за статистика, кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано намалување за 4,7 проценти, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство е забележано намалување за 8,9 отсто.

Зголемување на откупот и продажбата на земјоделски производи е забележано кај житата, градинарските растенија, добитокот и млечните производи, а намалување кај индустриските растенија, фуражните растенија, овошјето, грозјето, алкохолните пијалаци, живината, јајцата, млекото, кожата и волната и рибата.

Месечната дистрибуција на вредноста на откупот и продажбата на земјоделски производи покажува зголемување во јули, додека во август и септември е забележано намалување на вредноста на откупот и на продажбата на земјоделски производи.